• DSC_8169.JPG
  • DSC_8189.JPG
  • DSC_8226.JPG
  • fghjg.jpg
  • muzej.jpg
  • panorama-slide.jpg
Print

Баргала

Bargala

Во месноста Горен Козјак, на околу 2, 5 км од денешното село Долен Козјак, во подножјето на планината Плачковица, констатирани се остатоци од доцноантичкиот град Баргала. Неговата идентификација е потврдена со плоча со натпис која за време на Втората Светска војна ја открил И. Венедиков. Градот бил подигнат најверојатно за време на непријателствата помеѓу Константин и Ликиниј, во времето кога на просторот на провинцијата Macedonia II ќе биде формирана тампон зона околу која ќе се движат претензиите на двата цара. Во тој период ќе биде формиран и логорот кај Крупиште, од другата страна на провинциската граница која поминувала по должината на реката Брегалница. Двата града биле формирани како воени логори - каструми, кои кога престанале непријателствата помеѓу двата цара и војските биле распуштени и добиле нова внатрешна структура, па продолжиле да живеат како цивилни градови.

Натписот кој го открил Венедиков, а кој е датиран во 371/2 година се однесува на обновата на градската порта. Тој гласи:

(An)no VII dominorum nostrorum victorio-

sissimorum triumfatorim semper augustorum

Valentiniani et Valentis Bargalen-

(si) bus porta constructa est disponen-

(te A)ntonio Alypio v(iro) c(larissimo) con-

s(ulari) provinc(iae) D(aciae) Mediteraneae.

Овој натпис освен што ни ја разјаснува идентификацијата на градот, значаен е и по тоа што ни дава јасно сведоштво за протегањето на провинциската граница. Имено, од него јасно се гледа, дека во 371 година (седмата година од владеењето на победоносните цареви Валенс и Валентинијан), градот Баргала припаѓал кон провинцијата Dacia Mediteranea, а не кон провинцијата Македонија Салутарис, како што се верувало претходно.

 

Градот Баргала ни е познат и од актите на Халкедонскиот сабор (451 година), каде се споменува епископот Дардание, кој присуствува на соборот, заедно со Квинтилиј од Хераклеја и Никола од Стоби, единствени претставници од Macedonija II. Во актите на Соборот стои дека Дардание е епископ од провинцијата Macedonija II, што изгледа сосема неверојатно. Освен од овој извор, градот ни е познат и од Хиерокловиот Синекдем, каде се споменува заедно со уште три града на реката Брегалница.

Прокопиј во своето дело  De aedificiis (cca 553-555), не го споменува градот помеѓу тврдините обновени од страна на Јустинијан. Зошто е тоа така, не знаеме. Единствен извор каде уште се споменува Баргала е делото De Thematibus од Constantine Porphyrogenitus, во некои делови кои ги има преземено до Хиерокле.

Баргала е опфатена со обзидие кое затвора трапезоиден простор, со големина 280 х 185/150 м ( 4,7 ха) со ориентација северозапад - југоисток. Широчината на ѕидовите изнесува 2,30 м. Градени се од локален камен со цврст малтер и зајакнати со издадени четвртести кули. Р. Андерсон во 1971 година на планот на Баргала вцртал само 10 кули. Со подоцнежните истражувања утврдени се 20.

Северозападниот одбранбен ѕид претставува права линија која ја следи конфигурацијата на теренот. Ориентиран е североисток - југозапад, и е долг 155 метри. Има 6 одбранбени правоаголни кули од кои 2 се аголни и заедно со уште две се вовлечени во ѕидот за разлика од кулите кои се лево и десно од главната градска порта.

Североисточниот одбранбен ѕид, исто како и северозападниот претставува права линија овој пат во должина од 295 м. Некаде на средината откриена е уште една порта. Во непосредна близина на портата откриени се објекти како топилница за железо, работилница за стакло и просторија во која се откриени траги од можно производство на вино.

Во северозападниот дел на градот Баргала со археолошките истражувања во периодот 1966 - 1986 година откриен е комплексот на епископската базилика. Покрај северозападниот агол на базиликата откриен е базен - цистерна со двојни ѕидови. Надворешниот дел е изграден од кршен камен и хидростатен малтер, а внатрешниот, кој е прилепен за надворешниот е граден од тули и дебел слој на хоросан малтер. Водата до цистерната доаѓа преку систем на земјени цевки од изворите источно од градот, под брегот Цвилиг. На северната и јужната страна се наоѓаат одводни канали за прелевање на водата од базенот во моментите кога ќе го надмине предвидениот водостој, како и за чистење на базенот. Покрај јужниот ѕид се наоѓа архитектонска структура со три ниши што најверојатно претставувало градска фонтана со корито изделкано од едно парче камен.

Источно од градската цистерна се наоѓа епископската резиденција, која се состои од главна сала, економски и станбен дел. Главната сала има ориентација североисток југозапад, со димензии 22,00 х 7,80 м. Апсидалниот простор во североисточниот дел е широк 6,40 м, а длабок 3,90 м, и се наоѓа на повисока позиција од правоаголната сала за 0,38 м. Преку една скала се слегувало од апсидалниот простор во правоаголната приемна соба со должина од 12,00 м и широчина од 7,80 м. Тренот со должина од 3,45 м и широчина од 7,80 м со главната сала комуницирал најверојатно преку широк влез кој не е сочуван. Во тремот со истражувањата од 2000 година е откриена остава. Подовите во правоаголната сала и апсидалниот простор биле поплочени со црвени правоаголни камени плочи, поставени паралелно по целата должина на салата.

Економскиот дел на епископската резиденција е сместен покрај северозападниот ѕид на правоаголната сала. Откриени се осум питоси кои послужиле да се открие улогата на овој простор. Просторијата има димензии од 8,10 х 5,40 м.

Со археолошките ископувања изведени во 1967/68 година северно од главната сала е лоциран станбениот комплекс на Епископската резиденција. Откриени се три простории заедно со југозападниот дел на тремот, од северозападното крило. Во 2007 година целосно е откриено северозападното и североисточното крило со отворените тремови пред просториите на станбениот комплекс.

Меѓу Епископската резиденција и цистерната од една страна, епископската базилика од друга, како и северозападниот ѕид на големата бања се наоѓа градскиот плоштад.

На просторот меѓу Епиксопската базилика и северозападниот градски бедем е лоцирана Големата бања, која служела за потребите на епископската резиденција. Димензиите на објектот изнесуваат 19 х 13 м со ориентација североисток - југозапад. Се работи за добро сочуван комплексен објект со поединечни простории, меѓусебно посебно функционално поврзани, секоја од нив поврзана со одредена процедура при капењето. Така се констатирани: apoditerium (голема сала - соблекувална), frigidarium (студена бања со голем базен), тепидариум ( (бања со млака вода), ), sudatorium - lakonikum (просторија за препотување - сауна), и caldarium (топла бања). Североисточно од caldarium -от е лоциран магацинскиот простор (префурниум). Во просторот на префурниумот на длабочина од 2,60 м откриен е ексклузивен наод - дрвена резба со старозаветни мотиви. Резбата е датирана ориентационо во периодот IV - VI век.

Малата бања се состои само од една просторија, со една када за една особа.. Површината изнесува 4,55 х 3,00 м. Ориентацијата и е североисток - југозапад.

Надвор од градскиот бедем на околу 50 метри од градскиот ѕид е лоцирана базиликата extra muros.

Во централниот дел на градот се наоѓа и градската базилика откриена при ископувањата во 2008 година. Откриени се три фази на градба на оваа базилика, па веројатното датирање се протега од раниот 5 до доцниот 6 век.

Во надворешниот дел на градот Баргала, близу до северозападниот одбранбен ѕид, лоцирана е гробница од ранохристијански период со должина од 3 метри и широчина од 2,20 м., како и внатрешна должина од 2 метри и широчина од 1 метар., како и висина од 1,30 м. Гробницата е во функција на extra muros базиликата.

 

Линк до галеријата на Баргала