• DSC_8169.JPG
  • DSC_8189.JPG
  • DSC_8226.JPG
  • fghjg.jpg
  • muzej.jpg
  • panorama-slide.jpg
Print

Историска Поставка

 

Музејот во градот Штип постои од 1950 година, но за ова време немаме историска поставка низ која би се видел целокупниот развој на градот во определени периоди од неговото постоење. Оваа празнина ја надополнуваме преку отворањето на постојаната историска поставка "Штип низ историјата", која ја опфаќа историјата на градот од првиот до дваесеттиот век. Во поставката се претставени над 1000 експонати од кои има околу 500 фотографии, многу оружје, документи, писма како и свидетелства, меѓу кои има и такви потпишани од Гоце Делчев, печати, штембили од штипски фудбалски клубови, банкноти и монети, како и одликувања и ордени доделени на штипјани за нивното учество во Балканските, Првата и Втората светска војна. Поставката е поместена во куќата на семејството Арсови за кое во истата има посебно катче.

Постојаната поставка е поделена хронолошки, и започнува со првото споменување на името Астибо од античкиот хроничар Полиен во III век п.н.е. Преку опширна обработка на Османлискиот период, преминуваме на преродбата, во која штипјани имаат дадено значаен придонес преку отварањето на  првото педагошко училиште, и  отварањето на првото читалиште во Македонија во 1872 година. Во делот на Преродбата ќе може да се види еден исклучително вреден експонат од Јоаким Крчовски под наслов "Различни поучителни наставленија", печатен во Будим во 1819 година.

Македонското револуционерно движење завзема значајно место во нашата поставка, каде посебно се задржуваме на престојот на Гоце Делчев во Штип и активностите на првите членови на Организацијата во омасовувањето на револуционерното движење и воспоставувањето на револуционерните канали, како и многубројните афери кои го потресуваат и овој крај.

Периодот на илинденското востание е претставен преку фотографии на илинденци од Штип, како и  штипските војводи и нивните чети. Посебно место му даваме на еден настан кој се има случено пред точно 100 години на 4 декември 1911 година во историјата познат како "Магарешки атентат".

Балканските војни и Првата светска војна се дел од од историјата на цивилизацијата но и на градот. Во поставката ќе можат да се видат фотографиите на голем број штипјани – доброволци (ополченици) во бугарската војска, но и лица кои биле присилно мобилизирани. Во овој дел има многу оружје разни сабји, пиштоли мечеви и др.

Периодот помеѓу  двете светски војни е многу богат со настани, атентати, синдикални движења кои се поткрепени со многу фотографии, документи, мајсторски свидетелства, монети и банкноти, печати штембили и др.

Втората светска војна има свое место во поставката, започнувајќи од 6 април 1941 година и бомбардирањето на градот, преку обидите за исфрлање на партизански одреди, учеството на штипските делегати на Првото заседание на АСНОМ па се до 8 ноември 1944 година кога градот Штип е ослободен. Во поставката посебно внимание е посветено на Евреите и нивната депортација на 11 март 1943 година.

Како последен дел од поставката е обработен повоениот период како време на изградба на градот, формирањето на неговата индустриска структура, изградбата на болници, училишта, мрежа од културни институции. Поставката завршува со референдумот за самостојна и независна Република Македонија на 8 септември 1991 година, со фотографии на првиот Претседател Киро Глигоров, на првиот Премиер Никола Кљусев и на двајцата штипјани министри во првата македонска влада Јордан Мијалков и Ѓорги Наумов.