• DSC_8169.JPG
  • DSC_8189.JPG
  • DSC_8226.JPG
  • fghjg.jpg
  • muzej.jpg
  • panorama-slide.jpg
Print

Археолошката поставка

 

Археолошката поставка на Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј - Штип е формирана во 2005 година и се состои од два ката – праисториски и историски кои се поделени на периоди: праисторискиот на неолит, бакарно, бронзено и железно време, и историскиот: кој се состои од раноримски период, доцноримски (рановизантиски) период, средновековен период. Во склоп на археолошката поставка се наоѓа и збирка на монети од повеќе периоди и држави.

Археолошката поставка се состои од повеќе од 1000 предмети, кои се разликуваат по намената, материјалот од кој се изработени и употребната вредност. Периодот на неолитот го определуваат предмети поврзани за неолитската Анзабегово – Вршничка културна група, со бројни керамички предмети и камени алатки. Периодот на железното време е преставен со бројни примероци на накит и амулети, а керамичките предмети добиваат една посебна, препознатлива форма. Секако дека треба да се истакне присуството на една погребна кочија од периодот после владеењето на Александар Велики.

Раноримскиот период е преставен со керамички предмети и статуети на божества од паганскиот круг. Тоа е период на почитување на паганските божества, па нивните претстави се доминантни. Тука се неколку претстави на Зевс, Асклепиј, Тројната Хеката, Афродита, Трачкиот коњаник.

Доцноримскиот (рановизантискиот) период е период кој е претставен преку откритијата од локалитетот Баргала, меѓу кои најеклатантни примери претставуваат градските ѕидини и епископската базилика, односно некои делови од камената пластика донесени токму од оваа базилика. Како исклучителен експонат овде ќе ја споменеме дрвената резба со старозаветни молитви, која претставува најстар ваков експонат во цела Европа.

Средновековниот период е застапен со накит, односно прстени, нараквици и мали украсни крстови, како и неколку амулети. Раниот среден век е одбележан со неколку експонати кои покажуваат аварско присуство на нашите простори. Остатоците од накитите се главно  обележје на периодот од 10 до 12 век, а доцниот среден век е прикажан со неколку садови и алатки кои потекнуваат од локалитетот Исар – Кале Штип.

Збирката е надополнета со нови експонати во текот на месец септември 2017 година.