• DSC_8169.JPG
  • DSC_8189.JPG
  • DSC_8226.JPG
  • fghjg.jpg
  • muzej.jpg
  • panorama-slide.jpg
Print

Приказна за евреите

Потекло на Евреите и нивното доселување во Македонија

Во историјата е познато дека еврејски населби на бреговите на Медитеранот постоеле пред нашата ера, во времето кога Евреите живееле во Израел. До поголема миграција на Евреите доаѓа во I и II век, по конечното освојување на Палестина од страна на Римјаните, кога Евреите присилно се раселени низ тогашните големи римски провинции во Европа ( Италија, Франција, Германија, Шпанија).

Континуитетот на еврејското опстојување на македонските простори е со долг век. Присутни се траги на еврејската книжевност од сите епохи, а сведоштвото за најстарите населби на Евреите во Македонија го даваат археолошките ископини, потврдени со остатоците од раскошната синагога во античкиот град Стоби од IV век.

Крстоносните војни во XII век, монголската наезда на Џингис-Кан во XIII век, честите верски прогони и особено инквизицијата во XV век, доведуваат до влошување на положбата на Евреите во некои земји во Европа и до нови миграции, од кои, најмасовни се оние од Шпанија во 1492 година, и од Португалија во 1497 година. Откако одбиваат да го примат христијанството од Шпанија и од Португалија, прогонети се околу 300. 000 Евреи. Евреите во најголем број бараат засолниште во северна Африка и во Османлиската империја. Султанот Бајазит I (1481-1512 година) им одобрува вселување на Евреите во империјата, појдувајќи од фактот дека тие имаат повисоко културно ниво и поголема опитност во трговијата и банкарството, а со тоа ќе придонесат за општиот прогрес на неговата држава.

 

Се проценува дека во тој бран, во Турција се населуваат околу 100. 000 Евреи, од кои околу 90. 000 на Балканскиот Полуостров, а најголем дел во Солун и Цариград. За нив се вели дека преку Солунската порта го имаат донесено Западот на Исток. Нивното доселување, но во помали размери, продолжува и во XVI век. Помали групи доаѓаат и преку Дубровник.

Како емигранти, тие во новите краишта го донесуваат својот дух на иницијативност и претприемништво,своето знаење како хемичари, техничари, банкари, трговци и др. Меѓу нив има и лекари и аптекари кои се стекнале со високо образование и имале завршено шпански или португалски универзитети и владееле повеќе јазици. Помеѓу нив, има професори на високи школи и универзитети. Општо земено, масовното доселување на Евреите ,e еден од четирите фактори кои придонесуваат одделни градовите во Македонија во XV и особено во XVI век да станат вистински економски центри.

Евреите во Македонија ја делат судбината на македонскиот народ во многу нешта, во секојдневието и на многу крстопати на историјата. Двата народи, иако се мали по број, но жилави, заедно ја доживуваат неповторливата големина на своето минато, заедно виделе слава и ропство, заедно страдале илјадници години, но никогаш не ја изгубиле својата национална свест, својот дух. Нивниот заеднички соживот создава традиција достојна за почит, разбирање и толеранција.

Животот на Евреите во Штип

Според еден сумарен турски пописен дефтер од 1512 година, во Штип живееле 38 еврејски семејства дојдени од Солун. И во наредните пописи од: 1519, 1530, 1550 и во последниот од 1573 година е забележано намалување на еврејската општина во Штип. Меѓутоа, од средината на XIX век, еврејскиот елемент во Штип е во постојан растеж,а во 1899 година го бележи својот максимум од 800 Евреи.

Во првите децении на XX век, поради зачестените воени дејствија на Балканот, во Македонија, па и во Штип, мноштво на еврејски семејства и поединци го напуштаат Штип. Првото поголемо емигрирање на Евреите од Македонија е забележано уште во 1910 година, за потоа да продолжи за време на Балканските војни во 1912-1913 година, и на крајот за време на Првата светска војна 1914-1918 година. Пред Втората светска војна во Штип живеат околу 140 фамилии.

Евреите во Штип се групирани, односно живеат на релативно мал и тесен градски простор, во најстрогиот центар на градот. Мнозинството еврејски семејства и куќи се наоѓаат на десната страна на реката Отиња, а помал дел се во други делови од градот.

Еврејските куќи се градени на приземје и кат. Поголем дел од нив се концентрирани на просторот на денешниот плоштад, или поточно од денешниот Хотел "Оаза" до Центарот за култура. Впрочем, овој дел од градот го носи името Еврејско маало. Овде е и нивната севкупна стопанска и друга дејност. Скоро, по правило, во приземните простории на куќите се наоѓаат и нивните стопански објекти, магази и др. Поголемиот број штипски Евреи се занимаваат со ситна трговија, а има и неколку трговци на големо. Добар дел од нив се занаетчии, додека поголемиот дел се сиромаси. Еврејките претежно се домаќинки или се занимаваат со шивачкиот занает. Во центарот на градот се наоѓала и Синагога (Авара), која е изгорена за време на Првата светска војна , а подоцна во 1935/36 година, е подигната нова.

Дуќаните и работилниците на Евреите во саботите и за време на еврејските празници, по правило, не работат. Во тие денови, на улиците на Еврејското маало се чувствувала голема живост и празнична атмосфера. "Шамашот", односно, поклисарот на синагогата, во петоците приквечерината го обиколува Еврејското маало, го најавува саботниот ден. Посебно место меѓу еврејските празници има празникот "Пасха".

Еврејското училиште во Штип, како институција, егзистира многу децении. Програмата на училиштето опфаќа читање на хебрејски, читање и пишување на еврејско - шпански и учење на најстарата еврејска историја. Сите еврејски деца од 5-10 години, и машки и женски, го посетуваат училиштето. Едно од собиралиштата на Евреите од Штип е и Еврејскиот клуб, каде се читаат весници, списанија книги и други еврејски публикации. Меѓу другите културно-образовни активности, посебно треба да се издвои работата на аматерската драмска секција на еврејските младинци, кои во периодот од 1925 до 1930 година во хотелот "Гранд" развива интензивна драмска активност. Во Штип во 1929 година егзистира и Еврејски младински хор. Под името "Хакоах" постои и еврејски младински фудбалски клуб. Во периодот од 1937/38 година е формирано друштвото "Хашомер Хацаир" кое ги обединува младите Евреи од градот. Животот на еврејското население, како и на целокупното македонско население, ќе се промени после 6 април 1941 година и извршената бугарска окупација .

Учеството на Евреите во НОВ

Со окупацијата на Македонија од страна на фашистичка Бугарија, во април 1941 година, еврејската заедница во Штип, како и сите други, се наоѓа во многу тешка положба. Во првите денови на Априлската војна сите еврејски трговски и занаетчиски дуќани се целосно ограбени од окупаторот. Окупаторската власт мобилизира групи Евреи на кулучка работа за расчистување на урнатините настанати од бомбардирањето на градот во времето на воените дејства. Бугарската власт уште од почетокот започнува сукцесивно да воведува редица на антиеврејски закони (за ограничување на движењето, ограничување и забрана на занимавање со трговска и друга дејност, воведува еднократен данок за лицата од еврејско потекло, со што посиромашните еврејски семејства се наоѓаат во многу тешка положба). Потоа, задолжително носење на значка со еврејски знак и низа други мерки. Сите овие антисемитски мерки придонесуваат уште повеќе да се прошири отпорот на еврејското население и неговото се поголемо определување кон борбата против фашизмот, заедно со македонскиот народ. Еврејската заедница во Штип во надминување на тешката економска положба на тие семејства е доста солидарна. Еден број такви фамилии е помаган од роднините, а исто така е организирана и скромна, но мошне ефикасна помош. Напредното движење во Штип уште во првите денови од Априлската војна развива голема дејност во мобилизирањето на народните масите. Евреите, особено помладите во Штип, гледаа со големи симпатии на таа дејност и активно се придружуваат кон тоа движење. Особено активна е партиската група на Евреите што ја води Исак Сион. Во нејзиниот состав се: Исак Јаков Леви, трговски помошник, Пепо Јуда Леви, апсолвент по медицина, Хаим Јуда Леви, трговски помошник, Аврам Барух Сион, студент по рудараство и Моше Давид Сион, ученик. Во првите денови на октомври 1941 година се започнати подготовки за организирање на вооружено востание и за исфрлање партизански одреди. Подоцна е одреден воен штаб на Местниот комитет. Исак Сион е избран за член на Штабот, задолжен за материјално обезбедување на одредот. Во составот на одредот меѓу другите, се вклучени и сите пет членови од воспитната група на Исак Сион. Според планот се предвидувало дел од одредот, во кој влегуваат и петте активисти Евреи, да изврши напад на бугарскиот полициски участок во градот, по што требало да се повлечат кон планината Плачковица. Меѓутоа, поради немање услови, до организирање на одредот во тоа време не дошло. Подоцна, Исак Сион е активно вклучен во подготовките за исфрлање на одредот "Гоце Делчев" во мај 1943 година. Покрај споменатите организирани младинци-активисти, можат да се набројат најмалку 50-60 Евреи и Еврејки од средната генерација кои преку финансиска и друга материјална помош се активно вклучени во поддршка на Народноослободителната борба. Одделувањето на Евреите од оваа средина и нивното трагично уништување е болно за сите граѓани на Штип. Партиската организација, преку објавената статија за нивното уништување, во првиот број на весникот "Народен глас" од мај 1943 година, ја известува јавноста за тој трагичен чин.

Депортирањето на Евреите

Смисленото физичко уништување на целокупното европско еврејство во текот на Втората светска војна е израз на амбицијата на Адолф Хитлер да изгради "илјадагодишен германски Рајх".

После долги меѓусебни консултации, на крајот на 1942 година бугарската фашистичка влада и Германија во најголема тајност влегуваат во директни преговори за предавање на еврејското население на Германците. На 22 февруари 1943 година помеѓу комесарот за еврејски прашања Александар Белев и Теодор Данекер, е потпишана Спогодба за иселување (термин за депортирање) на 20. 000 Евреи во германските источни области, всушност се работи за депортирање и ликвидација на Евреите од Македонија, и од другите територии окупирани од фашистичка Бугарија. Министерскиот совет на Бугарија, на 2 март 1943 година ја одобрува оваа спогодба и одредува организациони и други мерки за нејзиното непосредно спроведување.

За депортирањето на Евреите забрзано се вршат подготовки, кои започнале пред тоа, при што е предвиден начинот на собирање, утврдени се местата за формирање привремени концентрациони логори, а се одредени и специјални возови за транспорт.

Ноќта помеѓу 10 и 11 март 1943 година, градовите Штип, Скопје и Битола се блокирани од бугарската војска и полиција, и на 11 март во четири часот утрото, започнува собирањето на Евреите. Откако рано утрото, во групи и под стража, штипските Евреи се доведени на Железничката станица крај Штип, бугарската полиција започнува, без разлика на полот и возраста , и мажите и жените и најмалите деца, на најбесрамен начин да ги претресуваат до гола кожа и да им ги одземаат парите, накитот, златото и сите повредни предмети до најмали ситници. Ограбувањето трае пет часа. Потоа, ги натоварува на товарните вагони и ги носи во Скопје. Во Велес, вагоните ги прикачуваат кон возот во кој се сместени битолските Евреи, и така ги довеуваат во Скопје, во импровизираниот логор во Монополот. Таму веќе се собрани сите скопски Евреи. На Евреите во логорот им е одземено се. Сместени се по 300-500 души во една просторија на голи штици, без покрив и во студ. Затворениците во привремениот логорот ги пуштаат надвор само еднаш дневно,зграда по зграда, само на половина час. Не се обезбедени услови ни за најелементарни хигиенски потреби. Депортацијата на Евреите од Македонија, од логорот во Монополот, е организирано од страна на германските и бугарските фашистички органи во три воза. Во вториот воз, кој тргнал на 25 март со дел од скопските, сите штипски и со група на битолски Евреи, пристигнува во Треблинка на 31 март 1943 година во 18 30. минути. Сите Евреи од Македонија се депортирани во логорот Треблинка во Полска, во тоа време под германска окупација, каде се задушени во гасни комори. Од Треблинка не се враќа никој, не останува ниту еден сведок да раскаже за стравотиите на уништувањето на еврејското население од Македонија.

Во втората половина на септември 1943 година Треблинка престанува да постои. Гасните комори се уништени, а бодликавата жица отстранета. Местото каде се вршени масовните убиства е изорано, врз него се изградени куќи и фарми и е посеано семе. Целта е да се прикрие злосторството.

Трагичните настани од Втората светска војна и уништувањето на Евреите, меѓу кои исчезнува и голема група македонски Сефарди, стравотиите во логорите на смртта, грабежот и уништувањето на културните и материјалните добра и други бројни злосторства, ќе останат како опомена на човештвото никогаш да не се повтори безумието на едно време.

Сите ние им оддаваме почит и признание, им се восхитуваме на нивната храброст и се поклонуваме пред нив.