Историска поставка
Првото одделение со кое Музејот во Штип започнува со работа од самото негово формирање е историското одделение. Мисијата на историското одделение е прибирање, проучување, зачувување и промовирање на историски податоци и предмети кои сведочат за историјата на градот Штип од најстарите времиња па се до XX век. Преку неговото изложување, објавување и организирање на изложби и работилници е достапно за јавноста.
Постојаната историска поставка „Штип низ историјата од I до XX век“ е отворена на 21.12.2011 година,низ која хронолошки од античкиот период се до формирањето на самостојна Македонија можат да се проследат историските настани поврзани со Штип и штипско. Сместена е во куќата на браќата Љупчо Арсов, народен херој и Тошо Арсов, првоборец од Штип кои се од огромно значење за македонската историја. За нив во самата поставка има посебно катче кое сведочи за нивниот живот и дела. Преку експонатите и фотографиите е доловена историјата на градот Штип од I до XX век. Во поставката се опфатени над 1000 вредни експонати од кои околу 500 се фотографии, оружје, документи, писма, свидетелства, банкноти, штембили од фудбалски клубови, одликувања и ордени на штипјани.
Од 2025 година како дел од постојаната историска поставка е поставено и катче за првата медицинска сестра и основоположник на првото медицинско училиште во Македонија, Славјанка Влахчева, родена штипјанка, која има посебно значење за медицината во Македонија.




