Во северозападно подградие на тврдината, на зарамнето плато, над коритото на реката Брегалница, на локацијата Стара Кланица, во ограден бедемски простор сместени се темелните остатоци на мала средновековна црква од 14 век, црква Свети Власие позната по средновековните записи. Црквата била еднокорабна, со купола и живопис со кирилични букви. Големиот број на фрагменти од фрескомалтер, на кој се приметуваат и кирилични букви, укажува дека црквата била живописана. Околу црквата е регистрирана поголема средновековна некропола. Откриени, истражени и документирани се над 50 гробни контрукции.
Источно и југоисточно од црквата се наоѓа некропола со регистрирани наоди, карактеристични за доцната бронза – раното железно време, римскиот и средновековниот период. Од оваа локација потекнуват и македонско-хеленистичките наоди од III до I век п.н.е. Керамички садови, чаши, чинии, унгвентариуми и друго. Карактеристичен наод е бронзена пирамидална обетка украсена со редови на преплет од сребрена жица со алка на краевите, карактеристична за X и XI век.

