Археолошка поставка
Археолошкото одделение во НУ Завод и Музеј – Штип е концепирано врз основа на хронолошката припадност на археолошкиот материјал. Истото има за цел истражување, документирање, валоризација, ревалоризација, заштита, одржување и презентација на археолошкиот материјал како културно добро. Во хронолошка систематизирана целина се наоѓаат над 5000 предмети, во неколку културни групи од праисторија: неолит (7000- 3000г.пр.н.е.), енеолит (3100-2100г.пр.н.е.), бронзено (2100-1100г.пр.н.е.) и железно време (1100-600/500г.пр.н.е.); Античка епоха: рана антика (600/500-168г.пр.н.е), римски период (2- 5век); Средовековна епоха (6/7-16/17век).
Археолошката поставка е сместена во куќата на семејството Аневи – Гочеви и истата е отворена во декември 2005 година. Поставката е изложена на два ката, хронолошки од ран неолит до средновековен период, со над 1300 уникатни предмети. Изобилува со садова керамика, накит, монети, орудија, оружје, камена и релјефна пластика, како и раритетна дрвена резба, пронајдени на повеќе археолошки локалитети: Баргала, Анзабегово, Исарот, Крст – Таринци, Вршник и други.
Во 2012 година археолошката поставка е надополнета со нови стаклени витрини во кои е изложен движен археолошки материјал.
Во 2016 година е направено рекомпонирање на нумизматичкиот дел од археолошката поставка.
Збирката е надополнета со нови експонати и во 2017 година.
Со последните надополнувања археолошката поставка располага со вкупно 33 постаменти и 71 стаклена витрина. Вкупно се изложени 1326 археолошки експонати кои сведочат за животот на луѓето од Брегалничкиот регион од праисторијата до денес.




