Археолошки локалитет Баргала
Античкиот град Баргала се наоѓа на 12 км североисточно од Штип, во близината на Горни Козјак, крај Козјачка Река во подножјето на планината Плачковица. Името Баргала е од тракиско потекло, а неговото етимолошко потекло се врзува за реката Брегалница. Истражувањата на овој локалитет за првпат се започнати во 1966 година, под раководство на Блага Алексова. Во седумдесеттите години на XX век, на локалитетот работела југословенско-американска екипа и тогаш е откриена епископската базилика. Подоцна се извршени дополнителни ископувањата на Баргала под раководство на Заводот за заштита на спомениците на културата и Народен музеј од Штип.
Досега е истражена само една десетина од целиот локалитет, бидејќи тој зафаќа површина од околу 4,7 хектари. Од објектите откриени се главна порта – Porta Principalis, Епископска Базилика, Епископска резиденција, Градска базилика, Баптистериум – крстилница, цистерна за вода, комуникација – мала улица, мала терма, голема терма, винарија, печка за стакло и други објекти.









