Етнолошка поставка

Во 1949 година е формиран Етнолошкиот музеј во Македонија, а во наредната година и во повеќе градови, меѓу кои и Штип.

Од своето постоење мисијата на етнолошкото одделение е прибирање, проучување, зачувување и промовирање на етнолошкото културно наследство, воглавно од источниот дел на нашата земја. Преку неговото изложување, објавување и организирање на едукативни активности е достапно за јавноста.

Етнолошкото културно наследство во Н.У.Завод и Музеј Штип е сместено во поставка која е отворена во мај 2011 година. Зградата во која денес се наоѓаат археолошката и етнолошката постојана поставка е изградена на местото на кое се наоѓале двете староградски куќи на семејствата Аневи и Гочеви.

Етнолошкото одделение располага со околу 2000 предмети, кои хронолошки датираат од 19 и 20 век, од кои голем дел се изложени во постојаната етнолошка поставка.

Најголем број од предметите се од текстил и се состои од поединечни облековни елементи, ткаеници и народни носии од Овчеполскиот регион, Кумановско – Кривопаланечки крај, Пијанец, Лакавички (радовишко – штипски регион), Плачковичкиот крај – Јуруци  и народната носија на Власите – Карагуни и Саракачани. Предметите од метал, керамика и дрво кои се користеле во домаќинствата се репрезентативен етнолошки материјал изработен од штипските занаетчии. Музејските предмети од областа на етнологијата воглавно се набавени со откупување и подароци, а ваквиот начин на собирање се применува и денес.

Во октомври 2017 година поставката е збогатена со поголем број предмети од различни збирки кои сведочат за социјалниот живот и културата на луѓето од Брегалничкиот регион.