Безистенот се наоѓа на десниот брег на реката Отиња, во централниот дел на градот.
Безистенот е со правоаголна основа и претставува единствен простор, внатрешно поделен на три дела, кои ги дели по еден столб што носи по два прекршени лака. Така се формираат три одделенија, од кои централното е засведено со псевдокупола, однадвор осмострана, а однатре калотата лежи на тромпи. Другите две одделенија се засведени со крстасти куполи.
Конструктивниот систем на објектот е масивен, со два надолжни и два попречни ѕида со дебелина од 1,72 м, олеснети со ниши кои завршуваат со прекршен лак, длабоки 0,76 м и широки 1,5 м. Во основа, надворешните димензии на објектот се 39,96 × 14,12 м и тој е решен подолжно како единствен простор поделен на три дела. Влезовите се поставени од источната и западната страна, подолжно, додека накнадно пробиената врата од јужната страна е повторно созидана. Над влезните врати изведени се сегментни лакови од прецизно обработен камен – песочник и базалт.
Објектот е граден со обработен камен од внатрешната страна, а од надворешната страна со обработен камен (песочник) се градени само ќошињата, венците и партиите околу влезовите. Ѕидните платна се изведени од приделкан и кршен камен. Бочните тамбури (лажни однадвор) се изведени со венци од тула – во вид на запчест венец.
Носивата конструкција на кровот се состои од купола изведена над средниот простор и два крстасти свода над крајните простори. Висината на куполата е поголема од висината на крстастите сводови, кои во надолжен пресек се потпираат на два камени лака со распон од 5,0 м и ја носат тежината на надѕидокот, како и по една четвртина од товарот на крстестиот свод и куполата.
Куполата над централниот дел е прифатена со тромпи, ѕидана е со печени тули со варов малтер, со централен агол од 180°, внатрешен радиус 4,4 м и дебелина од 0,5 м. Пред обавувањето на првите конзерваторски работи (1961–1964), Безистенот бил покриен со камени плочи и делумно со ќерамида.
Безистенот е слабо осветлен. Зенитарно се осветлени крајните простори, додека централниот дел е осветлен со шест прозорци поставени во самата купола.



