Некрополата Еврејски гробишта се наоѓа на 2,5 км од градот, на левиот брег на р. Брегалница на патот кон Радовиш. Некрополата е автентично недвижно добро кое претставува трага за постоењето и егзистирањето на еврејската заедница на територијата на Штип. Некрополата е поделена на три сегменти т.е. сектори кои најверојатно се резултат од неколку последователни обновувања и проширувања. Моменталната состојба на локацијата објективно не дозволува прецизно да биде идентификуван вкупниот број на погребувања. Сите гробови се ориентирани во правец исток-запад и ја пратат конфигурацијата на теренот. Постојат три типа на гробни обележја и тоа: обележја со полусводна завршница, обележја со завршница на две води и обележја со рамна хоризонтална завршница. Сите типови во основа имаат плоча со поголеми димензии над која е формиран споменикот. Основната плоча е од скалест тип или рамна. Димензиите на гробните места се: висина од 0,37м до 0,70м, ширина од 0,67м до 0,96м, а должината 2,00м. На секој гроб има натпис со кирилиско писмо, име на покојникот, датум на упокојување и краток благослов, како и задолжителна Давидова ѕвезда.