Објектот е составен од приземје и кат и е со изворен лик, освен освежувањето на фасадата. Приземјето е од камен, а катот во бондручен систем на градба. Има мали тесни соби, со главна фасада кон дворот кој се наоѓа од задната страна на објектот. Уличната фасада нема никакви карактеристики.
Оваа куќа има историско значење, бидејќи во неа бил роден и живеел Михајло Апостолски (1906 – 1987г.), деец на македонското национално движење (левица) и на југословенското комунистичко движење. Командант на ГШ на НОВ и ПОМ. Генерал – полковник на ЈНА. Академик. Завршил Виша воена академија и помеѓу двете светски војни бил генералштабен мајор на југословенската кралска војска. Во 1941 година бил заробен од италијанците во Словенија, а потоа ослободен. Се враќа во Македонија и се вклучува во редовите на движењето на отпорот. Во 1941 година станал член на Покраинскиот воен штаб, во 1942 година командант на ГШ на НОПО на Македонија. Член на иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, учесник на Првото заседание на АСНОМ и член на Президиумот. По Втората светска војна (1945) зазема високи воени функции во ЈНА. На 11 октомври 1953 год. бил прогласен за Народен херој. Директор на ИНИ, член на МАНУ (1967) и нејзин претседател (1976 – 1983). Има публикувано повеќе историски трудови сврзани со отпорот во Македонија во периодот на Втората светска војна (1941-1945). Починал во Стар Дојран.

