На излезот од градот Штип, во регионот Ново Село, од десната страна на реката Брегалница, се наоѓаат термоминералните извори Л’џи и Кежовица.
Во минатото, на местото на денешните извори Л’џи, постоеле пет поголеми извори кои помеѓу народот биле познати со имињата „Стара Л’џа“, „Баба Деспотина Л’џа“, „Шондева Л’џа“, „Јанкова Л’џа“ и „Аскерска Л’џа“. Сите биле подредени во една права линија, а температурата на водата изнесувала околу 55 оЦ. Во минатото овде жените се собирале и ги переле своите алишта. Ваквите средби скоро секогаш биле пропратени со муабет, а понекогаш и со песна, па затоа овој извор има свое место во срцата на луѓето од Ново Село. Истиот се споменува и во повеќе песни напишани за Ново Село. Водата во изворите Л’џи не е константна. Таа е во зависност од речната вода на Брегалница. Издашноста на водата од главниот извор варира од 1 – 1,5л/сек., а температурата од 50 – 62оЦ. Со зголемувањето на нивото на река Брегалница, покрај капацитетот на термоминералната вода, се зголемува и температурата на водата во изворот Л’џи.
На 300 метри од изворот Л’џи, по течението на река Брегалница, се наоѓа и другиот извор, Кежовица, на кој денес има изградено бањски центар.


