Митрополијата на Брегалничката епархија претставува профан објект бидејќи првобитно била наменета за живеење. Објектот има подрум, приземје и кат со главен и спореден влез, кои се наоѓаат на различно ниво.  Изграден е во втората половина на XIX век. Во времето кога е градена претставува една од најголемите семејни куќи во градот. Начинот на градба е класичен и во времето кога е градена била посебна по своите димензии и изглед во однос на околните објекти. Се претпоставува дека куќата е градена  од мајсторската тајфа Џонгар, бидејќи е градена кога и црквата Св. Никола во непосредната близина и со која се  наоѓаат на истата катастраска парцела.

Овој објект е изграден во седмата деценија на XIX век како семејна куќа на богато семејство Рибарчеви. Во тој период се градени и други објекти во непосредна околина како што се Пуздерлиската куќа и ќелијното училиште кое е срушено 1981 година западно од црквата Св.Никола.

Во овој долг период на постоење објектот е користен од повеќе сопственици како место за живеење, извесен период како резиденција на Митрополит Злетовско-Струмички, а од 1981 година објектот е во сопственост на МПЦ и во него е сместена администрацијата на Брегалничката Епархија. Во 1990 година е извршено обновување на фасадата и ентериерно прилагодување и осовременување на канцелариските простории.

Објектот во основа е квадрат, со ритмички поставени прозорски отвори кои се врамени со плитка рамка. Влезот е централно поставен, со надворешни скали се влегува во простран ходник на приземјето од кој симетрично се поставени по две простории, а во чело кон северната страна се поставени широки дрвени скали кои водат кон катот каде распоредот на просториите се пресликува од приземјето. На катот централно е поставена и тераса со ограда од ковано железо. Објектот има мал пристапен двор и четириводен кров покриен со керамида.