Сѐ уште не се пронајдени пишувани материјали од кои би се дознало кога и од кого е основана оваа населба. Од турскиот пописен тефтер од 1519 година дознаваме дека кај реката Брегалница, кај Ново Село, постоел мост кој, заедно со населбата, биле вакаф на султанот Бајазит-хан (1389–1402). Во тоа време во населбата живееле 21 христијанско домаќинство.
За време на султанот Мурат II (1421–1451), поради стратегиски важната положба на Ново Село, е донесен ферман со кој тоа се прогласува за војничка и чуварска населба и добива посебни права и привилегии: да се грижат, како чувари, за патот и мостовите.
Како резултат на таквата привилегираност на жителите, веќе во почетокот на 18 век Ново Село претставува значителна населба во која живее и штипскиот митрополит кир Ефрем. Таквиот статус на новоселците, кои сите биле Македонци, многу позитивно влијаел на нивниот економски, културен и политички живот, достигнувајќи расцут во 20 век, кога живееле голем број од побогатите и прочуени стари семејства кои се занимавале со занаетчиство и трговија.
Топографската положба диктирала во Ново Село да се развијат три градежни групации на објекти распоредени по падините на Исар, Кумлак и Мерите. Овие групации комуникативно се поврзани со два моста на двете реки во една неделива целина. Од првата половина на 20 век за Ново Село се сметаат само двете градежни групации на објекти распослани амфитеатрално по Кумлак и Мерите.
Крајот на турското владеење (1912 година) Ново Село го дочекува со околу 700 куќи. Оттогаш до денес нивниот број осетно е намален, а состојбата на најголем број од останатите куќи е доста лоша.
Во градителската целина се издвојуваат два простора кои ја имале улогата на општествени центри. Едниот е покрај црквата „Св. Богородица“, а другиот е месноста „Јавор“, која излегува на реката Брегалница.

