Споменик на Евреите

Во минатото Штип бил дом на многу еврејски семејства. Населувањето на Евреите во градот Штип започнува во 1498 година. Според еден сумарен турски пописен дефтер од 1512 година, во Штип живееле 38 еврејски семејства дојдени од Солун. Во 1899 година еврејската заедница го бележи својот максимум од 800 Евреи. Потоа оваа бројка постепено се намалува, ćе до пред Втората светска војна, кога во Штип живееле околу 140 еврејски фамилии.

Евреите во Штип живееле на релативно мал и тесен градски простор, во најстрогиот центар на градот.            Еврејските куќи се градени на приземје и кат. Поголем дел од нив биле концентрирани на просторот на денешниот плоштад, или поточно хотелот „Оаза“ до центарот за култура „Ацо Шопов“. Овој дел од градот го носи името Еврејско маало. Овде била и нивната севкупна стопанска и друга дејност. Тие имале свои институции, синагога, свое училиште. Едно од собиралиштата на Евреите од Штип бил и еврејскиот клуб, каде се читале весници, списанија, книги и други еврејски публикации. Меѓу другите културно-образовни активности, посебно треба да се издвои работата на аматерската драмска секција на еврејските младинци. Во Штип во 1929 година егзистирал и еврејски младински хор. Под името „Хакоах“ постоел и еврејски младински фудбалски клуб. Во периодот од 1937-1938 година е формирано друштвото „Хашомер Хацаир“ кое ги обединува младите Евреи од градот. Животот на еврејското население, како и на целокупното македонско население, ќе се промени после 6 април 1941 година особено по избршената бугарска окупација.

Смисленото физичко уништување на целокупното европско еврејство во текот на Втората светска војна е израз на болната амбиција на Адолф Хитлер да изгради „Илјадагодишен германски Рајх“.

Ноќта помеѓу 10 и 11 март 1943 година, градовите Штип, Скопје и Битола се блокирани од бугарската војска и полиција, и на 11 март во четири часот утрото, сите штипски Евреи, мажи, жени и деца, се собрани, првично претресени до гола кожа и ограбени, а потоа пренесени во импровизираниот логор во Монополот во Скопје. Депортирањето на Евреите од Македонија во логорот Треблинка во Полска, од Монополот во Скопје е организирано од германските и бугарските фашистички органи во три воза. Во вториот воз, кој тргнува на 25 март со дел од скопските, сите штипски и со група на битолски Евреи пристигнува во Треблинка на 31 март 1943 година во 18:30 часот. Сите Евреи од Македонија се депортирани во логорот Треблинка во Полска, во тоа време под германска окупација, каде се задушени во гасни комори. Од Треблинка не се вратил никој, не останал ниту еден сведок да раскаже за стравотиите на уништувањето на еврејското население од Македонија.

Во втората половина на септември 1943 година Треблинка престанува да постои. Гасните комори се уништени, а бодликавата жица отстранета. Местото каде се вршени масовните убиства е изгорено, врз него се изградени куќи и фарми и посеани ниви. Целта е да се прикрие злосторството.

Во чест на депортираните Евреи од Штип, во центарот на градот, на местото на поранешното еврејско маало во 1985 година е подигнат споменик, дело на уметникот Методи Андонов. Споменикот го симболизира животниот пат на Евреите, кој трагично се прекинува во март 1943 година. На споменикот се испишани имињата на сите штипски Евреи кои се депортирани и убиени во Треблинка.