Археолошки локалитет „Исар“ Штип
Археолошкиот локалитет ,,Исар“-Кале, некогашната средновековна населба и утврдениот средновековен град Штип се наоѓа во југозападниот дел на денешниот град Штип, на доминантното возвишение помеѓу реките Брегалница и Отиња, со правец на простирање север-југ во должина од околу 350 м, а над коритото на река Брегалница се издига во висина од 100-150 м. Ерозивната сила на спомнатите реки го одделила возвишението со длабоки клисури: од север и запад Брегалница, а од југ суводолицата Отиња. Крстосницата на патиштата што се наоѓа во подножјето на Исарот ја зголемува важноста на оваа местоположба. Во времето на феудализмот кога потребата од сигурна заштита и одбрана е неопходна, таквата природна положба е искористена и на највисокиот дел од возвишението изграден е средновековен град од типот на Маркови Кули (Прилеп), Самоилова тврдина (Охрид), Кале (Скопје), Цареви Кули (Струмица) и др. Средновековна тврдина се состоела од утврден град-внатрешен град (фрурион) и надворешен град-подградие (амборија). Главниот влез во тврдината се наоѓа на источната страна спрема источното подградие..
Вршени се археолошки истражувања деведестите години на 20 век и следствено се вршени и конзерваторски работи, пред се на главниот влез во акрополот –Донжон.
Постои проект за конзервација и реконструкција на ѕидните платна изготвен од нашата институција.
На локацијата Акропол од среновековната тврдина со истржувањата 2008-2009 во целост е откриена и документирана целокупната сочувана архитектура на акрополот: западно, јужно, источно и северно бедемско платно, пет одбранбени кули, доцносредновековна црква, две цистерни и темелни остатоци од стопански и станбени објекти.
