Црквата „Св. Никола“ е лоцирана од десната страна на реката Отиња, под јужниот дел на средновековната крепост Исар. На местото на сегашната црква постоела друга, во литературата спомената како Сифиева црква, подигната во 1341 година и била метох на Лесновскиот манастир. Царот Душан ја дарувал на Злетовската епископија, а во 1381 година Константин Дејановиќ ја приложил на Хиландар. Нема сомнение дека црквата се наоѓала на местото на денешната црква, посветена на истиот светител. Црквата во постојната градба е обновена и изградена во 1867 година на местото на старата, посветена на истиот светител – Св. Никола.

За обновувањето/подигнувањето на црквата сведочи и плочата вградена над главниот западен влез, чиј текст говори дека црквата била изградена во времето на митрополитот ќустендилски и штипски Игнатија, на 10 мај 1867 година.

Црквата ја гради протомајсторот Ѓорѓи Новаков Џонгар, син на прочуениот дебарски мајстор Новак Џонгар. Неговата градителска дејност се одвивала во втората половина на 19 век и тој изградил повеќе цркви во Македонија, Србија и Бугарија.

Црквата по основа е трикорабна базилика, опфатена со тремови од западната, северната и јужната страна, кои на катот преминуваат во галерија во чиј простор е сместена женската црква. На западната страна галеријата е на два ката. Централниот кораб е нагласен и покриен со три куполи, а бочните со полуцилиндрични сводови. Од источната страна црквата завршува со три полигонални апсиди. Во конструкцијата на објектот бочните ѕидови се масивни, столбовите во внатрешноста се дрвени, обложени со рабица и малтерисани. Сводната конструкција, куполите и бочните полуцилиндрични сводови се изведени во рабица, малтерисани и живописани.

Црквата е монументална и пространа, а по својот внатрешен и надворешен изглед е многу слична со црквата „Св. Богородица“ во Ново Село, Штип, изградена од Андреја Дамјанов. Западниот портал е украсен: вратата е изрезбарена, а над неа, во камен песочник, е изведена фигуративна и вегетабилна декорација.

Внатрешноста на црквата е украсена со живопис на сводовите, фреско-икони и голем иконостас со икони изработени од рацете на македонскиот зограф Димитар Андонов Папрадишки (1869), како и фрески во олтарниот дел, работени од зографот Костадин Иванов Вангелов од Штип. Иконостасот и балдахинот се изработени од таткото на Папрадишки, Андон Китанов, а владичкиот трон е дело на познатиот мијачки резбар Димитар Станишев.

Просторот на катната галерија се состои од три крака: северен, јужен и западен, кои се формирани над отворениот трем што ја обиколува црквата во приземјето. Вкупната површина на галеријата изнесува 270 м². Висината од подот до таванот изнесува 2,90 м. Подот е дрвен, „бродски“, поставен врз подпатосници-греди кои налегнуваат врз масивните ѕидови на тремовите. Таваните се оформени со дрвена гредна конструкција, трска и малтер. Северниот и јужниот простор на источната страна завршуваат со капели, одвоени со дрвени иконостаси со идентична конструкција. Сите три простори кон наосот завршуваат со колонада од округли столпчиња, меѓусебно поврзани со лакови од лесна конструкција. Колонадата е опфатена со дрвен парапет со решеткаст дрвен елемент. Од западната страна просторот на галеријата е проширен со пет овални ниши исфрлени кон наосот. Галеријата е осветлена со прозорци и е пристапна преку дрвени скали поставени на камено плато од југо-западниот агол на црквата. Во 1990 година галерискиот простор е претворен во изложбена поставка на икони и предмети, а во 2007 година, по преземени конзерваторски интервенции, е оформена „Галерија на икони“.

Составни делови на доброто:

Иконостас – со следните елементи: царски двери во резба, северна и јужна врата; големиот крст со сликано Христово распетие и уште две распетија (едно северно и едно јужно) на иконостасот; лево и десно од крстот има по една ламја – симбол на победениот грев, на кои се поставени иконите во цел раст на Св. Богородица и Св. Јован.

Икони – престолни: „Св. Пророк Илија“, „Св. Пантелејмон“, „Св. Архангел Гаврил“, „Св. Атанасие“, „Раѓање Христово“, „Св. Никола“, „Св. Богородица со Христос“, „Исус Христос“, „Св. Јован Претеча“, „Преображение Христово“, „Три светители“, „Св. Архангел Михаил“, „Св. Спиридон“, „Св. Симеон Столник“.

Икони за целивање: „Св. Недела“, „Св. Пантелејмон“, „Св. Атанасие Александриски“, „Раѓање Христово“, „Св. Никола Чудотворец“, „Богородица со Христос“, „Исус Христос“, „Св. Јован Претеча“, „Преображение Христово“, „Три светители“, „Св. Спиридон Чудотворец“, „Св. Великомаченик Ѓорѓи“.

Мали иконостасни икони: „Воскресение Христово“, „Св. Игнатие“, „Св. Харалампие“, „Св. Ефрем“, „Св. Антоние“, „Св. Василије Велики“, „Цар Константин и царица Елена“, „Раѓање Христово“, „Св. Ѓорѓи“, „Успение на Св. Богородица“, „Лазарево воскресение“, „Сретение“, „Раѓање на Пресвета Богородица“, „Св. Апостол Петар“, „Св. Евангелист Јован“, „Крштевање Христово“, „Преображение Христово“, „Благовештение“, „Св. Благообразни Јосиф“, „Св. Јоаким Осоговски“, „Св. Гаврил Лесновски“, „Св. Троица“, „Отсекување на главата на Св. Јован Крстител“, „Св. Параскева“, „Св. Архиѓакон Стефан“, „Св. Варвара“, „Св. Сава“, „Св. Катерина“, „Воведение Богородично во храм“, „Собор на 12-те Апостоли“, „Св. Теодор Тирон“, „Св. Арсение“, „Свјатих Отци“, „Св. Јован Рилски“, „Св. Апостол Симеон“, „Св. Апостол Тома“, „Св. Пророк Илија“, „Св. Апостол Јаков“, „Св. Евангелист Лука“, „Неверството на Тома“, „Св. Евангелист Матеја“, „Св. Атанасие“, „Св. Апостол Павле“, „Св. Јован Претеча“, „Св. Спиридон“, „Св. Евангелист Марко“, „Св. Апостол Филип“, „Св. Апостол Андреја“, „Св. Димитриј“, „Св. Апостол Вартоломеј“, „Св. Кузман и Дамјан“, „Св. Пантелејмон“, „Св. Јован“, „Исус Христос“, „Двереи затворени“, „Св. Симеон Столник“.