Црквата „Св. Спас“ е изградена во втората половина на 14 век, во кое време била и живописана.

Според најстариот запис за овој објект – повелбата на Константин Драгаш (Дејановиќ) од 26.03.1388 година – дознаваме дека црквата ја подигнал војводата Димитар пред 1388 година, што значи дека црквата постоела во споменатиот период од 14 век и била осликана. Во истата повелба изрично се споменува игуман, што сведочи дека во времето на основањето „Св. Спас“ била манастирска црква. Поради оштетување на фреските, во 1601 година црквата била повторно живописана, за што постои и натпис на западниот ѕид над влезната врата. Во натписот се споменува дека храмот е посветен на Вознесението Господово и на Св. Спас, а со текот на времето почнал да станува познат како црква „Св. Спас“ и во 17 век станува парохиска црква.

По обновувањето на црквата во 17 век продолжува редовната црковна служба, за што сведочат режаните натписи на ѕидовите за смртта на нејзините свештеници: поп Јован (1659), поп Илија (1664) и архиерејот Јефрем (1734).

За „Св. Спас“ има малку податоци со помош на кои би можела точно да се реконструира нејзината историја. Сепак, постојат доволно индиции за претпоставка дека црквата непрестано „живеела“ за целото време од своето градење. Ова се потврдува со фактот дека во зографскиот „Поменик“, кој грижливо е воден во периодот 1527–1728 година, се спомнуваат многу христијани од Ново Село кои давале прилози на зографските монаси. Колкава била економската моќ и верската приврзаност на новоселци најдобро говори фактот дека високиот минимум од 10 сребреника го дале 19 верници за да бидат воведени во „Поменикот“, меѓу кои и еден занаетчија – абаџијата Бошко.

Црквата се одликува со витки архитектонски облици, скромно но грижливо изведена фасада, со сразмерно многу тесни отвори и живопис со различен квалитет, кој потекнува од два различни периода. Според историските податоци, архитектурата на црквата е сочувана во изворна состојба, освен делови од покривната конструкција кои укажуваат на повеќекратно препокривање на црквата со изработка на надѕидоци над венците.

Во основа црквата е мала еднокорабна градба со тристрана апсида од надворешната и полукружна од внатрешната страна, со димензии 7,80 × 3,80 м и висина од 5,50 м. Темелите лежат директно на карпа, што е особено видливо на северната страна. Градена е од зелен камен песочник со парчиња од тула. Северната, јужната и западната фасада се рамни, разиграни со плитки ниши, додека источната ја разубавува пониско поставената апсида.

Кровната конструкција е решена со полукружен свод покриен со камени плочи, под кој се наоѓа запчест венец што првобитно бил двореден. Најгорните делови од објектот над венецот се надѕидани – во времето кога црквата била препокривана со камени плочи, а според некои автори се смета дека првобитно била покриена со оловен лим.

На источната фасада, над ниската врата низ која се влегува во црквата, се наоѓа плитка ниша со полукружна завршница со запчасто соѕидани тули, каде бил насликан светецот на кого била посветена црквата, но со текот на времето фреската е уништена.

Осветлувањето во црквата е минимално и е решено со една бифора на источниот ѕид и една монофора на апсидата, додека малиот отвор во вид на монофора на западната страна бил затворен во времето кога црквата била повторно живописана, па сега е видлив само однадвор. Во олтарниот простор, освен олтарната апсида, се наоѓа и мала ниша на местото на проскомидијата, додека нејзиниот пандан на местото на ѓакониконот не постои.

Подот во црквата е изработен од камени плочи и е под нивото на теренот кај влезот, така што во црквата се влегува преку една камена скала.

Фрескоживописот е од два периода: првиот слој е од времето на подигнувањето на црквата (14 век), а вториот датира од времето на нејзината обнова неколку векови подоцна. Оригиналното сликарство од 14 век е присутно на полукружниот свод, на појасот непосредно под сводот и во тимпанонските простори на источниот и западниот ѕид. Карактеристиките на средновековната уметност и фрескоживописот во Штип најмногу се препознаваат во композицијата „Преображение“, која има класична палеолошка шема – видлива во обработката на драперијата на фигурите и правилните облици на главите. Истовремено, лицата на ангелите се поставени во полупрофил, со нагласени округли очи и вовлечени бради. Останатите ликови се со ситни округлести очи, заоблени зеници, сталожени и мирни лица со добродушен поглед, крупни чела, изразито меснати носови, брановидни коси и бради и физички јак граден кош.

Претставата на Света Троица со три глави, како во „Св. Спас“, претставува многу редок пример во 14 век. Меѓутоа, во досегашната литература ова сликарство не е детално согледано ниту во потполност презентирано, а уште помалку поблиску определено, но не противречи на сликарската обработка од третата четвртина на 14 век. Иконографијата не поседува изразит квалитет, но се воочува талентот на сликарот. Со истражувањето и конзервацијата што е во тек се очекува фреските да бидат поблиску стилски определени.

Помладото сликарство во црквата настанало во 1601 година, со заслуга на зографот Јован, за што сведочи фреско-натписот во внатрешноста на црквата, испишан на словенски јазик над западниот влез. Сликарството го опфаќа појасот на стоечките фигури и две хоризонтални зони на бочните ѕидови. На сводот интервенциите се видливи во позадините и насловите, како и на попрсјата на пророците. Сликарството на зографот покажува солиден цртеж и допадлив колорит, при што користи сродни бои како и зографот од 14 век. На местата каде се спојуваат композициите од 14 и 17 век, зографот вешто го приспособувал својот колорит кон првобитниот, па затоа е тешко да се воочи раздвојувањето на двата живописа.

Во целокупната тематска програма на фрескоживописот се забележува поклопување со темите на ѕидното сликарство од 16 и 17 век во помалите цркви. Како и во другите, така и во оваа црква – покрај стоечките фигури – насликан е циклусот „Големите празници и Христовите страдања“, а во темето на сводот се прикажани големи попрсја, кои од двете страни имаат по еден ред пророци.

Составни делови на доброто:
Фрескоживопис од 14 и 17 век.