Официјален назив: Црква „Успение на Св. Богородица“ со конаци, ул. „Крсте Мисирков“ б.б., Ново Село, Штип
Црквата „Успение на Св. Богородица“ во Ново Село, Штип, е еден од најдобрите и најинвентивни сакрални објекти од овој период во градот Штип и источна Македонија. Изградена е на местото на постара црква, која исто така била посветена на „Успение на Св. Богородица“, датирана во 1808–1809 година. Во натписот што е испишан однадвор на јужната врата на црквата стои дека црквата е обновена во 1850 година. Се претпоставува дека нејзината изградба/обнова започнала во 1835–1836 година и дека е градела со доброволно собрани финансиски средства од граѓаните на Штип, во периодот кога Македонија сѐ уште била под турска окупациска власт.
Црквата е изградена од талентираниот протомајстор Андреј Дамјанов (1800–1878) со неговата тајфа. Неговите браќа Никола, Ѓорѓи и Коста Дамјанови со посебен усет ја украсуваат внатрешноста на црквата.
По основа, црквата е решена како трикорабна базилика, опкружена со тремови од западната, северната и јужната страна, кои на катот преминуваат во галерија. Централниот кораб е нагласен и покриен со четири куполи прифатени на пандантифи. Од источната страна црквата завршува со три полигонални апсиди.
Внатрешноста на црквата е украсена со пластична декорација – медалјони во комбинација со вегетабилна и зооморфна декорација. Целокупното копаничарско украсување во црквата е дело на Никола Дамјанов, кој го изработил големиот иконостас, балдахинот, владичкиот трон и царските двери.
Иконите на големиот иконостас (вкупно 85, со исклучок на неколку) се дело на познатиот иконописец Станислав Доспевски од Самоков, Р. Бугарија, кој ги работел во периодот 1861–1866 година. Живописот во црквата го работат Ѓорѓи и Коста Дамјанови – тоа се горните сводни површини на кои се насликани повеќе композиции и светители.
Во 1972 година, на катот на црквата е формирана постојана галерија на икони со богат фонд на икони од повеќе наши познати и непознати зографи, кои работеле од крајот на XVI–XVII век до почетокот на XX век, како и ракописи и печатени книги, црковни реликвии и друг материјал. Во дворното место од западниот дел на црквата, во периодот кога е изградена црквата, изградени се и конаци.
Составни делови на доброто
Решенија за утврдување својство споменик на културата (збирки)
-
Збирка на икони од малите иконостаси на јужната и северната капела, со бр. 1001-73 од 24.04.1999 година, од ЗЗСК и Музеј, Штип.
Пролог: копии од списокот со Решението. -
Збирка на икони со иконостасот од црквата „Успение на Св. Богородица“, со бр. 1001-72 од 24.04.1990 година, од ЗЗСК и Музеј, Штип.
Пролог: копии од списокот со Решението.
Поединечни (решенија)
-
Икона „Св. Петка и Св. Недела“, Решение бр. 1001-126 од 16.09.1998 година, ЗЗСК, евиденционен број СК бб.
-
Икона „Оплакување Христово“, Решение бр. 1001-125 од 16.09.1998 година, ЗЗСК, евиденционен број СК 17839.
-
Фелон, Решение бр. 1001-124 од 16.09.1998 година, ЗЗСК, евиденционен број СК бб.
-
Икона „Чудотворната моќ на Богородица Скоропомошница“, Решение бр. 1001-123 од 16.09.1998 година, евиденционен број СК бб.
-
Голем златен крст, Решение бр. 1001-122 од 16.09.1998 година, евиденционен број СК бб.
-
Икона „Исус Христос – Голем Архиереј“, Решение бр. 1001-121 од 16.09.1998 година, евиденционен број 1806.
-
Голем балдахин, Решение бр. 1001-120 од 16.09.1998 година, евиденционен број СК бб.
-
Ракописна книга – Свето евангелие, Решение бр. 1001-70 од 24.04.1999 година, евиденционен број 1374.
-
Ракописна книга со апокрифни текстови, Решение бр. 1001-69 од 24.04.1999 година, евиденционен број 1373.
Во 1970 година е изработен проект за пренамена на катот од црквата во Постојана галерија на икони и за препокривање со салонитни плочи, изготвен од Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата.




