Музеј на ВМРО за Штип и Штипско (1893 -1934 г.)

Музејот на ВМРО за Штип и Штипско (1893-1934 г.) се наоѓа во штипско Ново Село во месноста Кај јаворот, во близина на  мостот на реката Брегалница и Л‘џите. Музејот е сместен во  куќа од староградска архитектура, која била во сопственост на старото новоселско семејство Андонови. Овој музеј  е посветен на македонската револуционерна организација и борбата на македонскиот народ за автономна Македонија.

Официјално Музејот е отворен на  20 декември 2014 година. Музејот поседува изложбен простор од 160 метри квадратни, седум засебни простории во кои се сместени 11 восочни фигури на истакнати дејци на Организацијата, вредни експонати, фотографии, автентични документи, лични предмети и  оружје кое им припаѓало на најзначајните личности од историјата кои потекнуваат или дејствувале во Штип и штипско. Освен восочните фигури на Гоце Делчев, Дамe Груев, Мише Развигоров, Донче Штипјанчето, Тодор Лазаров, Тодор Александров, Ѓорче Петров, Петар Поп Арсов, Владислав Ковачев, Панчо Михајлов и Иван Михајлов, во музејот се сретнуваат и етнолошки предмети  од социјалниот живот на луѓето од крајот на XIX век.