Објектот претставува семејна куќа во класичен стил од третата декада на 20 век со полувкопан подрум, приземје и кат. Првично граден како семејна куќа, но долг период овој објект работел како Хотел Гарни, иако во последните неколку години е целосно затворен и не работи. Според архитектонското обликување веројатно е граден според проект на архитект и за тоа време претставува репрезентативен објект во однос на останатите објекти во непосредната околина. Во основа објектот има карактеристичен облик со полукружна форма во западниот дел со изразена симетрија. Главната фасада е кон кејот на река Отиња, а влезот во објектот е од исток преку дворно место во кое се влегува преку порта која се наоѓа на оградниот ѕид.

Објектот е изграден од цврст материјал, печена тула, со разиграни фасади. Приземјето е издигнато на три скалишни висини над полувкопаниот подрумски простор. При влезот е изведен полукружен трем над кој на катот е поставен отворен балкон кој се потпира на четири кружни столба. Оградата на тремот и балконот е изведена со украсни керамички елементи.

Прозорските отвори се со исти димензиии и се двокрилни во две нивоа. Во приземјето прозорите се врамени со лажни столбови-пиластри со што е разиграна фасадата. Покривната конструкција е разиграна што произлегува од неправилната форма на основата на објектот. На истиот се забележуваат интересни профилации сместени под стреата на кровот.

Хотел Гарни претставува симбол на градот Штип.