Археолошки локалитети

Рејтинг на корисник: 0 / 5

Неактивна ѕвездаНеактивна ѕвездаНеактивна ѕвездаНеактивна ѕвездаНеактивна ѕвезда
 

Тврдина Исар


tvrdinaisar

 

Средновековната тврдина Исар се наоѓа во запaдниот дел од градот и се издига на врвот од карпестиот рид Исар висок 150 метри. Тврдината од западната страна опкружена е со стрмна падина на коритото на реката Брегалница, а на јужната страна со коритото на реката Отиња. Во XIV век околу Исарот биле изградени четири цркви, кои го формираат замислениот крст и тоа црквите: „Св. Архангел Михаил (Фитијата)“ од источната страна, од западната страна „Св.Јован Крстител“, од северната страна „Св.Никола (Поп Сифиевата)“ и од јужната страна црквата „Св.Власие“.
Денес тврдината Исар претставува вистинска туристичка атракција и место на кое секоја година се одржува познатата штипска манифестација „Четрсе“, која е дел од нематеријалното културно наследство на УНЕСКО.

 

 

Археолошки локалитет Баргала

БаргалаБаргала1
Античкиот град Баргала се наоѓа на 12 км североисточно од Штип, во  близината на Горни Козјак, крај Козјачка Река во подножјето на планината Плачковица. Името Баргала е од тракиско потекло, а неговото етимолошко потекло се врзува за реката Брегалница. Истражувањата на овој локалитет за првпат се започнати во 1966 година, под раководство на Блага Алексова. Во седумдесеттите години на XX век, на локалитетот работела југословенско-американска екипа и тогаш е откриена епископската базилика. Подоцна се извршени дополнителни ископувањата на Баргала под раководство на Заводот за заштита на спомениците на културата и Народен музеј од Штип.
Досега е истражена само една десетина од целиот локалитет, бидејќи тој зафаќа површина од околу пет хектари. Од објектите откриени се главна порта – Porta Principalis, Епископска Базилика, Епископска резиденција, Баптистериум – крстилница, цистерна за вода, комуникација – мала улица, мала терма, голема терма, винарија, печка за стакло и други објекти.

 

Археолошки локалитет „Врчва“, с. Дамјан, Радовиш

 

ВрчваВрчва1
Локалитетот „Врчва“, с. Дамјан, Радовиш, се наоѓа на северозападниот крај од планината Смрдеш на просечна надморска височина од 625 м. Претставува еднослојна доцноантичка населба, на која се откриени 16 објекти (со скалесто поставени простории), концентрирани во југоисточниот дел од локалитетот.
Од движен археолошки материјал, воглавно се пронајдени предмети за секојдневна употреба: метални предмети (алати, орудија, монети, накит), керамички материјал (амбалажна керамика, тегови и др.), предмети од коска, предмети од стакло (накит, садови) и предмети од камен.

 

Археолошки локалитет „Марчево“, с. Дамјан, Радовиш


Марчево

 

 

Археолошкиот локалитет Марчево се наоѓа во северозападниот крај на селото Дамјан, во ист правец на магистралниот пат Радовиш-Штип.
Според истражувањата, археолошкиот локалитет претставува некропола која датира од крајот на XVI и почетокот на XVII век.
На вкупна површина од 900 м2 откриени се вкупно 2 објекти и 43 гробни целини. Откриен е разновиден движен археолошки материјал: метални предмети  и  предмети од стакло, од кои најголем дел е накит.

 

Археолошки локалитет „Тополничка река“, с. Дамјан, Радовиш

ТополничкаБојковци1ТополничкаБојковци2ТополничкаБојковци3

ТополничкаБојковци4ТополничкаБојковци5ТополничкаБојковци6ТополничкаБојковци7Локалитетот „Тополничка река“, с. Дамјан, Радовиш, се наоѓа во близина на рудникот Бучим, на западниот брег на Тополничка река, и претставува неолитска рамничарска населба со повеќе културни слоеви.
Со археолошките истражувања констатирани се неколку објекти, а во културните слоеви пронајдено е поголемо количество фрагментирана садова керамика од неолитско и железнодобско потекло. Како најрепрезентативни се фрагментите од фина керамика и наодите на фрагменти од преносни печки (puranoi).

 

Археолошки локалитет „Бојковци“, с. Дамјан, Радовиш


Локалитетот „Бојковци“, с. Дамјан, Радовиш, се наоѓа на десниот, односно, западниот брег на Тополничка река која тече во правец север-југ. Временски претставува доцнонеолитски хоризонт на живеење.
Откриени се голем број на археолошки наоди, од кои може да се издвојат предметите изработени од керамика, кремен и камен. Најбројни се керамичките наоди работени на рака, пехари, конусни и биконусни садови, чинии, аскоидни садови и други форми. Од камените и кремените орудиа најкарактеристични се кремените сечила, камените мелници и кварцни дробилки.

 

Археолошки локалитет „Манастирче“, с. Чардаклија, Штип


Археолошкиот локалитет „Манастирче“, с. Чардаклија, претставува еднобродна средновековна црква со една апсида од источната страна и нартекс дополнително доградуван. Ориентацијата на објектот е исток – запад со делумно опколување кон север.
Во затворениот нартекс се откриени три гроба без покривна конструкција, во централниот дел на наосот една ѕидана гробна конструкција, а пред влезот на црквата се откриени уште два гроба.
Од движни наоди евидентирани се само метални кламфи, без додатен гробен прилог.  
Постои можност црквата да е подигната покрај постара доцноантичка и рановизантиска некропола.

НУ Завод и Музеј Штип

ул. Кеј Маршал Тито бр. 2 Штип

+389 32 392 044

info@zavodimuzejstip.mk

Пон - Саб: 9:00 - 18:00

Корисни линкови

Документи

Следете не

Copyright © 2018. Сите права се заштитени. Designed by Elkom Group | www.elco.eu.mk