Историска поставка
Постојаната историска поставка „Штип низ историјата од I до XX век“ е отворена на 21.12.2011 година,низ која хронолошки од античкиот период се до формирањето на самостојна Македонија можат да се проследат историските настани поврзани со Штип и штипско. Сместена е во куќата на браќата Љупчо и Тошо Арсови, првоборци од Штип кои се од огромно значење за македонската историја. За нив во самата поставка има посебно катче кое сведочи за нивниот живот и дела. Преку експонатите и сликите е доловена историјата на градот Штип од I до XX век. Во поставката се опфатени над 1000 вредни експонати од кои 500 се фототографии, оружје, документи, писма, свидетелства, банкноти, штембили од фудбалски клубови, одликувања и ордени на штипјани.
Археолошка поставка
Археолошката поставка е сместена во куќата на семејството Аневи – Гочеви и истата е отворена во декември 2005 година. Поставката е изложена на два ката, праисториски и историски дел, хронолошки од ран неолит до средновековен период со над 1000 уникатни предмети. Изобилува со керамика, накит, монети, кремено оружје, вотивни рељефи и дрвена резба, кои се пронајдени на археолошките локалитети: Баргала, Анзабегово, Исарот, Крст Таринци, Вршник Таринци и други.
Во 2012 година археолошката поставка е надополнета со нови стаклени витрини во кои е изложен движен археолошки материјал.
Во 2016 година е направено рекомпонирање на нумизматичкиот дел од археолошката поставка.
Збирката е надополнета со нови експонати и во 2017 година.
Со последните надополнувања археолошката поставка располага со вкупно 33 постаменти и 71 стаклена витрина. Вкупно се изложени 1326 археолошки експонати кои сведочат за животот на луѓето од Брегалничкиот регион од праисторијата до денес.
Етнолошка поставка
Во 1949 година е формиран Етнолошкиот музеј во Македонија, а во наредната година и во повеќе градови, меѓу кои и Штип. Етнолошкото културно наследство во Н.У.Завод и Музеј Штип е сместено во поставка која е отворена во мај 2011 година. Зградата во која денес се наоѓаат археолошката и етнолошката постојана поставка е изградена на местото на кое се наоѓале двете староградски куќи на семејствата Аневи и Гочеви.
Поставката изобилува со голем број на предмети од различни збирки: текстил, накит, покуќнина и предмети од дрво, керамика и метал. Во поставката се презентирани и носии од Овчеполскиот регион, Куманово, Пијанец, Лакавица, Плачковичкиот крај и други. Предметите од керамика и дрво кои се користеле во домаќинствата се репрезентативен етнолошки материјал изработен од штипските занаетчии. Музејските предмети од областа на етнологијата воглавно се набавени со откупување и подароци, а ваквиот начин на собирање се применува и денес.
Во октомври 2017 година поставката е збогатена со поголем број предмети од различни збирки кои сведочат за социјалниот живот и културата на луѓето од Брегалничкиот регион.
Музеј на ВМРО за Штип и Штипско (1893 -1934 г.)
Музејот на ВМРО за Штип и Штипско (1893-1934 г.) се наоѓа во штипско Ново Село во месноста Кај јаворот, во близина на мостот на реката Брегалница и Л‘џите. Музејот е сместен во куќа од староградска архитектура, која беше во сопственост на старото новоселско семејство Андонови. Овој музеј е посветен на македонската револуционерна организација и борбата на македонскиот народ за автономна Македонија.
Официјално Музејот е отворен на 20 декември 2014 година. Музејот поседува изложбен простор од 160 метри квадратни, седум засебни простории во кои се сместени 11 восочни фигури на истакнати дејци на Организацијата, вредни експонати, фотографии, автентични документи, лични предмети и оружје кое им припаѓало на најзначајните личности од историјата кои потекнуваат или дејствувале во Штип и штипско. Освен восочните фигури на Гоце Делчев, Дамe Груев, Мише Развигоров, Донче Штипјанчето, Тодор Лазаров, Тодор Александров, Ѓорче Петров, Петар Поп Арсов, Владислав Ковачев, Панчо Михајлов и Иван Михајлов, во музејот се сретнуваат и етнолошки предмети од социјалниот живот на луѓето од крајот на XIX век.
Спомен куќа на народниот херој Славчо Стојменски
За прв пат спомен куќата е отворена на 8 ноември 1981 год, по повод 37 години од ослободувањето на градот Штип. Самата куќа содржи битов дел во кој е претставен секојдневниот живот на фамилијата Стојменски.
На долниот кат во двете простории се изложени алати и други предмети кои ги користел неговиот татко кој бил самарџија , а на горниот кат има исто така предмети кои ги користеле во секојдневниот живот. На горниот кат во едната просторија се наоѓаше историска поставка со фотографии и лични предмети на народниот херој: оружје ,книги свидетелства и др. Реконципирање на спомен куката е извршено во 2017 година и е надополнета со 8 паноа, со фотографии од детството, младоста, гимназиските денови, неговата активност во НОБ, се до неговото убиство во 1943 година.