НУ Завод и Музеј Штип
Музејот во Штип е отворен со одлука на Народниот одбор на градот Штип на 10.05.1950 година. Првата поставка на Музејот е поставена во Хуса – Медин пашината џамија и имала етнолошки карактер. На 11.10.1956 година Музејот е преместен во ново-адаптирана зграда од староградска архитектура, позната како куќата на Арсови (браќата Тошо и Љупчо, народни херои). Во 1964 година отворена е постојана изложбена поставка на современо македонско сликарство во уметничката галерија Безистен, која претставува дел од Музејот. Во 1972 година, на иницијатива на Коста Балабанов, во црквата од 19 век - Успение на пресвета Богородица во Ново Село е отворена постојана поставка на икони. Во 1978 година зградата на Музејот е реновирана, па музејските простории се пренесени заедно со целокупниот персонал и документација во просториите на стариот Здавствен дом. Во 1979 година Музејот се здобива со статус на Завод за заштита на спомениците на културата и народен музеј, за разлика од претходно кога беше само Народен музеј на Штипскиот крај. Во 1985 година повторно е вратен Музејот во куќата на Арсови, која била напуштена во 1978 година заради реновирање. Во овие простории музејот работи непрекинато до денес. Во 1980 година направен е проект за проширување на Музејот со уште една зграда, при што е искористена куќата на Аневи – Гочеви, каде сега се наоѓа археолошката поставка. Мегу куќата на Арсови и куќата на Аневи – Гочеви, уште тогаш е планирана административна зграда, во која ќе биде сместен административниот дел. Овој проект е завшен во 2004 година. Денес музејскиот комплекс се состои од три згради од кои едната е административна, а другите две се предвидени како поставки.
Во склоп на Завод и Музеј на град Штип работи и Музеј на ВМРО за Штип и Штипско (1893 - 1934) отворен во 2014 година, уметничката галерија Безистен, а отворена е и Спомен куќа на Славчо Стојменски.